Kаматите на кредитите во земјава за четири години се намалиле за речиси 20 отсто, покажуваат податоците на Народната банка. Иако станува збор за фантастичен пад, граѓаните и фирмите го чувствуваат тоа како намалување од два до три проценти на вкупните каматни стапки што им ги плаќаат на банките. Ако во 2009 година просечната камата на денарски кредит била 10,1 проценти, во првото тримесечје годинава просекот е 8,2 проценти. Од почетокот на годинава банките буквално се натпреваруваат која ќе понуди пониски камати, најмногу за станбени и за потрошувачките кредити. Така, последната понуда за станбен кредит од една домашна банка достигна неверојатни 2,5 процента, моментно најниска на пазарот. Банкарите и аналитичарите велат дека ваков тренд бил очекуван поради олабавувањето на монетарната политика на Народната банка, чии сигнали ги следеа и комерцијалните банки.
Kаматите на кредитите во земјава за четири години се намалиле за речиси 20 отсто, покажуваат податоците на Народната банка.
Иако станува збор за фантастичен пад, граѓаните и фирмите го чувствуваат тоа како намалување од два до три проценти на вкупните каматни стапки што им ги плаќаат на банките. Ако во 2009 година просечната камата на денарски кредит била 10,1 проценти, во првото тримесечје годинава просекот е 8,2 проценти. Од почетокот на годинава банките буквално се натпреваруваат која ќе понуди пониски камати, најмногу за станбени и за потрошувачките кредити. Така, последната понуда за станбен кредит од една домашна банка достигна неверојатни 2,5 процента, моментно најниска на пазарот.
Банкарите и аналитичарите велат дека ваков тренд бил очекуван поради олабавувањето на монетарната политика на Народната банка, чии сигнали ги следеа и комерцијалните банки. Но и покрај понудените ниски камати, интересот за кредити годинава е умерен. Според последните податоци за петте месеци од годинава, кредитниот раст е само еден процент. Слабата кредитна активност е клучна причина за растот на проблематичните кредити во вкупното кредитно портфолио.
- Падот на каматите е очекуван тренд. Банките ги следат потезите на Народната банка, кои укажуваат дека кредитната политика може да се релаксира. Дополнително има позитивни сигнали во стопанството. Ова се клучни причини што каматите на кредитите и за граѓаните и за фирмите одат надолу, а природно е да се зголеми и обемот на кредитирање. Значи станува збор за промена во макроекономскиот амбиент. Во банкарскиот свет позитивен одраз имаат и очекувањата за зголемен економски раст. И министрите и гувернерот честопати укажуваа дека сега е време за зголемување на кредитниот раст - вели Саво Ашталковски, универзитетски професор.
Тој вели дека падот делумно се должи на малата побарувачка за кредити зашто граѓаните веќе се задолжени. Тоа го потврдуваат и банкарите.
- Kаматните стапки зависат од понудата и од побарувачката, како и од референтната каматна стапка на НБМ. Оваа камата бележи опаѓање, а истовремено понудата на пари е поголема, па тоа предизвикува да паѓаат каматите, кои сега се на историски најниско ниво. Последните неколку години трендот на каматните стапки е надолен. И факторот конкуренција си го прави своето. Постои можност и овие каматни стапки да се намалуваат - вели Ѓорѓи Јанчевски, директор на НЛБ Тутунска банка.
Според него, кредитирањето до крајот на годинава треба максимално да се зголеми за да го достигне проектираниот раст од 7 отсто, колку што предвиде Централната банка. Односно, до крајот на годинава банките треба да инјектираат околу 200 милиони евра преку нови заеми за да се постигне овој посакуван кредитен раст.
Неговиот колега Глигор Бишев, директорот на Шпаркасе банка, вели дека сега банките попуштаат со каматите оти имаат многу пари.
- Падот на каматните стапки се должи на зголемената ликвидност во банкарскиот сектор.
Федералните резерви на САД и Европската централна банка водеа и водат ултралабава монетарна политика и тие потези ги следеше НБМ, што доведе до намалување на основната камата и на каматите на банките, се разбира, до ниво каде што кредитниот ризик е прифатлив. ФЕД во четвртокот најави дека ќе забавува со откупот на обврзници, односно ќе ја затегнува политиката, па битно е дали ова ќе се рефлектира и врз заживувањето на стопанството, на реалниот сектор. Ако монетарните потези ги следи и извесно закрепнување на реалниот сектор, најверојатно ќе има и поголема кредитна активност и поголем кредитен раст. Ако не, и оваа година ќе биде година на умерен кредитен раст - вели Бишев.
Драгољуб Арсовски, директорот на ТТK банка, вели дека моментно најголемата борба меѓу банките се води за клиенти за станбени кредити бидејќи за банкарите тие се сигурни и најисплатливи.
- Станбените кредити се со најмали резервации, па банките може да ги нудат со пониски камати. За ваков тип кредити сигурноста за навремено враќање на ратите е најголема. Во страв да не го изгубат станот, клиентите редовно ги сервисираат обврските. Kај потрошувачките кредити има тренд на опаѓање на каматите, но малку побавен. Една од причините за намалувањето на стапките се и законските измени според кои каматите не смеат да бидат повисоки од казнената, која сега е под 12 проценти – вели Арсовски.